Нешто повеќе од два часа им требало на премиерот Никола Груевски и на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да го убедат деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски, да прифати да биде претседател на Комисијата, која треба да ги истражи случувањата во периодот пред и на 24 декември и да утврди дали имало прекршување на Уставот и на законите. Она што повеќе од три месеци беше невозможна мисија, двајцата лидери успеаја да го решат за само еден ден, односно една средба на која и’ претходеле неколку телефонски разговори меѓу нив. Според информациите до кои дојде „Утрински весник“, клучните преговори се одвивале во вторникот навечер, кога во Владата се сретнале Груевски, Заев и Давитковски.
Во вторникот вечерта, некаде пред 20 часот, деканот на Правниот факултет телефонски бил повикан на состанок со премиерот Груевски во Владата. На состанокот, како што дознаваme, веќе бил пристигнат Заев, кој заедно со Груевски имал задача да го убеди Давитковски да ја прифати понудата да биде клучен играч во Комисијата.
Главниот аргумент на двајцата лидери, како што неофицијално дознаваме, бил да се фoрмира Комисијата пред одржувањето на Самитoт на ЕУ, кога повторно ќе се оценуваат демократските капацитети на државата. Заложбата на Груевски и на Заев била да се најде претседател Македонец, со што ќе се избегне алтернативата што ја понуди Европската комисија, претседател да биде еден од петтемина предложени европски политичари. Груевски уште од првичната идеја за формирање на Комисијата не беше расположен на чело на ова тело да дојде странец.
Кој е Борче Давитковски?
Деканот на Правниот факултет на УКИМ Борче Давитковски не е непознат за македонската јавност и е еден од водечките правни експерти во Македонија. Повеќе години наназад тој е присутен на јавната сцена независно дали станува за политички или за стручни позиции.
Покрај богатата професионална кариера како продекан на Правниот факултет, потоа претседател на Комисијата за нормативна дејност во два мандата избран од Сенатот на УКИМ, но и студентски правобранител, Давитковски имал и значајни политички функции.
Тој од 2001 до 2005 година бил член на Правниот совет на Владата. Во периодот од 2004 до 2006 година е член на експертскиот тим за ограничување на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции. Неколку години е претставник на Владата во АД „Македонски телекомуникации“. Од 2004 до 2008 година е член на Венециската комисија при Советот на Европа. Во истиот период, додека СДСМ е на власт, Давитковски беше член и на Комисијата за хартии од вредност.
Повеќе на – Утрински