Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) Мишел Платини изрази желба за играње на натпревари во повеќе земји на првенството во 2020 година. Според него, ако мечевите се играат во 12 или во 13 града ширум континентот тоа ќе ја олесни организацијата и ќе придонесе за полесно справување со инфраструктурните и со финансиските проблеми.
„Засега тоа е идеја за која допрва ќе расправаме, но мислам дека има иднина. Ако ја прифатиме ќе нема потреба од градење на нови аеродроми, стадиони и останата инфраструктура. Подигнување на нови објекти за само три средби на европски шампионат е неисплатливо“, изјави Платини.
Во три од последните четири континентални првенства имаше земји ко-домаќини. Белгија и Холандија го организираа турнирот во 2000 година, Австрија и Швајцарија беа домаќини на најдобрите европски селекции во 2008 година и сега Полска и Украина, но досега не се случило повеќе од две земји да бидат во таква улога. Наредното ЕП 2016, во кое за првпат ќе учествуваат 24 репрезентации, самостојно ќе го организира Франција. Каде ќе се игра шампионатот во 2020 година с` уште е непознато, УЕФА ќе решава по тоа прашање на почетокот на наредната година по кандидатурата на Турција и заедничката на Република Ирска, Шкотска и Велс.
„Првенството во 2020 година може да го организира една земја на 12 стадиони, а можно е да имаме и неколку земји домаќини. Ќе ги анализираме предностите и мааните и потоа ќе одлучиме. За таков епилог е потребна и политичка одлука“, заврши Платини.