Таблетите со кои жените ќе можат да абортираат, од наесен ќе бидат достапни во Чешка, јави дописникот на МИА од Прага.
Како што соопшти Државниот завод за контрола на лекови (СУКЛ), производот за вештачко прекинување на бременоста веќе е регистриран во земјата и за неколку месеци се очекуваат првите пратки. Апчињата, нема да можат да се купат во аптеките, туку ќе бидат достапни во болниците и гинеколошките центри каде е можно болничко сместување.
Директорот на СУКЛ, Павел Брезовски потврди дека таблетките ,,Миспрегнол” и ,,Мифегин” ќе се издаваат само на барање на медицински установи и пациентките нема да можат да ги подигнат во аптеките. Претседателот на Чешката гинеколошко- акушерска унија, Владимир Дворжак смета дека таквите ограничувања се непотребни.
– Пилулата е наменета за прекинување на раната бременост. За разлика од огромното мнозинство на други земји каде што таблетата секаде е на располагање, нашето законодавството дозволува апчињата да се препишуваат и користат само во институции за што нема медицинска оправданост, изјави Дворжак.
Дворжак додаде дека лековите и во светот се даваат под контрола на лекар, но тоа не мора да биде установа која е способна за болничко сместување.
Невладиното ,,Движење за живот”со Петиција собра над 70.000 потписи против легализацијата на овие таблети. Сепак според Дворжак, нивната достапност не значи поголема слобода за абортирањата.
– Напротив, од достапните методи за прекинување на бременоста се нуди една поприфатлива опција за жените, вели Дворжак, кој оценува дека со оглед на тоа што во Чешка абортусот е дозволен, нема причина да се забрани некој начин како тоа се направи.
Тој претпоставува дека овие таблети ќе сакаат да ги набават жени, кои ќе сакаат да ја прекинат бременоста сами, отколку да дозволат пасивен абортус кај лекар.
Оние жени кои ќе сакаат да извршат абортус со овие фармацевтски препарати, без медицинска причина за тоа ќе плаќаат 140 евра.
Лекот може да се користи најдоцна до 49-тиот ден по првиот ден на последната менструација. Жената прво ќе добие доза, која го усмртува ембрионот, а по околу три дена ќе добие уште една доза која предизвикува исфрлање на плодот од телото. Потоа следи трета контрола кај лекар.
Лекот познат како РУ-486 е откриен во лабораториите на француската фирма ,,Роусел Уклаф” во 1980 година, а легално се користи од 1988 година.