Новата атракција, пајтонот, не сообраќа низ центарот речиси две недели. Граѓаните кои сакаат да свртат крукче со кочијата велат дека не им е јасно зошто толку брзо ја повлекле од центарот. Од ЈП “Паркови и зеленило”, сепак, појаснуваат дека не станува збор за некој проблем туку кочијата е повлечена само поради продолжување на трасата по која ќе сообраќаат коњите.
Имено, старата траса која беше вртење кругче околу плоштад и улица Македонија се зголемува и со возење по улицата Кеј 13 Ноември кај баровите. Од ЈП “Улици и патишта” се задолжени да направат корекции на новата траса по која ќе се движи кочијата, бидејќи на некои делови асфалтот бил оштетен.
Кочијата тргнува од Зоолошката, каде што и е седиштето, оди покрај стадионот кај Опатија, низ паркчето по кејот кај вртелешката и баровите, потоа врти кај Холидеј ин и под ГТЦ кај автобусите, потоа во Жена-парк, под Порта Македонија, плоштадот, улица Македонија и врти повторно кај Лондон кафе. Повеќе од еден километар е зголемена трасата, а средена е и делницата која беше оштетена. Поправките се направени, останува уште еден дел да се обележи и уште наредната недела пајтонот да се врати на улица.
Инаку, едно возење со пајтонот низ центарот чини 100 денари за возрасни и 50 денари за деца. Пајтонот треба да сообраќа секој ден освен понеделник и тоа наутро од 10 до 13 часот и попладне од 16 до 21 часот.
Кочијата ја влечат два бели коњи, на неа е вграден црн подвижен покрив од водоотпорна кожа, а внатре е обложен со црвено кадифе и со две дрвени врати. Граѓаните што ја видоа кочијата и се возеа во центарот се воодушевени од оваа атракција.
Vecer.mk