Општината Центар побара Градот Скопје да си го преземе одржувањето и чувањето на новите споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“. Како што стои во Предлог одлуката и точка на дневен ред на шестата седница на Советот надлежноста над овие објекти ја има градот бидејќи тие се наоѓаат во надлежност на градската власт.
Според пресметките само лани за чување и одржување на новите објекти општината потрошила над 250 илјади евра. Најголем дел од парите завршиле за фонтаните во Вардар и за чување на „Воинот на коњ“. Така, 6,8 милиони денари биле потрошени за фонтаната на Воинот на коњ и на фонтаните во Вардар, плус уште 2 милиони денари за потрошена електрична енергија.
Предлагач на оваа точка е градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, поради што од советничката група од ВМРО-ДПМНЕ побараа лично да им го образложи предлогот, но најавија дека не се противат на предлогот.
Од Град Скопје пак најавија дека ќе ја прифатат одговорноста за овие објекти.
Faktor.mk