Како што пренесува агенцијата Франс прес, остатоците од предхиспанскиот период се пронајдени на крајот од јули во впечатливата гробница во северната перуанска провинција Чепен.
Научниците веруваат дека свештеничката била владетелка на древна култура позната како Моче, или Мочиканска култура, која пред од прилика 2.000 години доминирала со областа на денешниот северен Перу, каде се граделе големи пирамиди од цигли и кал, пред да исчезне од необјасниви причини. Називот Моче потекнува од археолошкото пронаоѓалиште, древната престолнина Моче.
Научниците со години се обидувале да ја решат енигмата за исчезнатата цивилизација, зад која не останале пишувани документи. Според BBC, цртежите покажуваат дека припадниците на културата Моче учествувале во брутални ритуални борби кои завршувале со жртвување на поразените.
Свештеничката пронајдена во Чепен е погребана со деца и возрасни лица кои се жртвувани. Таа е уште една во низата свештенички откриени на северот на Перу во изминатите неколку години.
„Ова откритие јасно покажува дека жените не само што изведувале ритуали во оваа област, туку и дека имале власт и биле кралици во тоа општество. Ова е осма свештеничка која е откриена. При ископувањето наидувавме само на гробници во кои се погребани жени, а никогаш мажи“ – вели за АФП директорот на проектот Луис Хаиме Кастиљо.
Можеби најважната од сите била женската мумија со уметнички тетоважи откриена во 2006 година во гробницата која била наполнета со кал и оружје. Се верува дека „Сењора де Као“, како што ја нарекле подоцна, била владетелка на цивилизацијата пред 1.700-1.600 години пред да почине за време на породување.
Археолозите тогаш тврделе дека откритието на „Сењора де Као“ по значење може да се мери со откритието на Тутанкамоновата гробница во Египет.