Бебе, кое имало неполна една година, заболело од западно-нилска треска, со што е вториот случај на ова заболување за оваа година, информираат од Министерството за здравство, по добиените информации од Институтот за јавно здравје.
Станува збор за бебе (со неполна година), кое не патувало надвор од државата, а симптомите на болеста започнале пред неколку дена, по што било хоспитализирано на Клиника за детски болести со покачена температура, течна столица и секрет од нос.
Во моментов, бебето е во добра општа состојба и пуштено е на домашно лекување(вчера попладне). Станува збор за заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска. Кај најголем број заболени, болеста може да помине асимптоматски (без симптоми), додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор и сл, а само кај 1 процент може да се јават посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, полиомиелитис-парализа).
Најдобра превентива е самозаштитата (користење креми и средства против комарци), како и дезинсекцијата на јавни површини. Комисијата за заразни болести при МЗ редовно ја следи состојбата со ова заболување во Македонија и ги презема потребни мерки за превенција, навремена дијагностика и лекување.