Наместо овошен сок – купувале зашеќерена вода со боја и адитиви


Земјоделската инспекција во Србија деновиве повлече од промет 4.660 литри сок бидејќи е утврдено дека имаат помал процент овошје од тој што е назначен на декларацијата, јавуваат белградските медиуми.

SokСпорните сокови се овошен нектар од праска и јаболко „верде“ од производителот „ИБ тим“ од Белград, „ворисо“ бистар и кашест овошен нектар од праска и јаболко, и „баш баш“, кој го произведува „Дуга фрут“ од Kрушевац, пишува весникот „Блиц“.

Со суперанализата Министерството за земјоделство утврди дека соковите од овие производители го немаат квалитетот кој е назначен на амбалажата. Со контролата со која се опфатени десет производители, анализирани се 25 примероци. Од друга страна, министерството не ги повлече соковите на „Вино Жупа“ и на „Таково“, чиј увоз Црна Гора неодамна го забрани поради лажни податоци на декларациите.

Предупредувањето им стигна уште кон крајот на септември, кога добиле рок од 15 дена да ја поправат декларацијата. Судејќи според одлуката на Црна Гора за забрана на увоз, тоа не се случи, а тоа е само потврда на тоа за кое говорат многу потрошувачки здруженија, дека во Србија се пие с` и сешто, пишуваат српските весници.

Така, според медиумите, на рафтовите во српските продавници се продаваат и сокови од тропско овошје како ананас и киви, во кои јаболкото е главна состојка. Според истражувањето на Националната организација на потрошувачи во Србија од вкупно 32 примероци земени кај шест производители, секој трет бил неисправно деклариран. Тоа значи дека немале доволно количество овошје, туку наместо него, се додавала зашеќерена вода, на која ~ додавале вештачка арома и боја.

– Грешките во декларациите ги доведуваат во заблуда потрошувачите. На пазарот има сокови што се декларирани како сок од моќни бобинки или сок од шумско овошје, или мулти тропик, а како по правило во тие сокови најмногу има јаболко – вели за „Блиц“ Даница Зариќ од ИХИС нутриционизам.

Исто така, играта со големината на буквите на декларациите е нешто што производителите го практикуваат.

– Со поголеми букви се истакнуваат поквалитетните, поскапите состојки, иако по правило ги има најмалку. Пример се соковите од праска и јаболко. Потрошувачите мораат внимателно да читаат за да знаат што купуваат. Можеби тој производ е целосно здравствено исправен, но не е добро деклариран и ги залажува купувачите – објаснува Даница Зариќ.

Едина Попов од Асоцијацијата на потрошувачи за „Блиц“ вели дека на домашниот пазар владее целосен хаос.

– Ние буквално пиеме сешто, а на тоа никој не го спречува. Случајот со Црна Гора е само показател на состојбата на домашниот пазар – вели Попов.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1