Бебе на возраст од пет месеци утринава во 6.30 часот е примено на детското одделение во кавадаречката болница без знаци на живот.
Пет месечно бебе умрело под сомнителни околности во Кавадарци, дознава “Дневник”. Информацијата дека бебе без знаци на живот било донесено утринава во кавадаречката општа болница ја потврди Анита Стојковска, портпарол во СВР Велес.
– Во 7 часот утрово во полициската станица во Кавадарци од страна на медицинските лица при детското одделение на болницата беше пријавено дека кај нив половина час претходно било донесено петмесечно бебе кое не давало знаци на живот. На терен веднаш излегоа увидна полициска екипа и истражен судија. По наредба на истражен судија телото на бебето е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина и криминалистика со цел да се утврдат вистинските причини за смртта – рече Стојковска.
Истрагата е во тек.