Eскалираат тензиите во главниот град на Украина, Киев, каде опозицијата денеска го одржа најмасовниот анти-владин собир на кој присуствувале повеќе од 100.000 лица. Демонстрантите насила влегле и во зградата на градскиот совет , каде го истакнале украинското знаме и скандирале Киев е наш.
Полициските специјалци се судриле и со демонстрантите кои се обиделе да се пробијат до канцеларијата на претседателот на државата, Виктор Јанукович, при што бил употребен и солзавец. Протестите на опозиционите активисти започнаа пред 7 дена, по одлуката на власта да се откаже од потпишувањето на договорот за асоцијација и слободна трговија со Европската Унија. Лидерите на опозицијата бараат оставка на претседателот Јанукович и распишување предвремени избори во државата.
-Потребна ни е промена на власта, затоа што оваа влада не може или не сака да го слуша народот. Оваа влада ја користи полицијата не за да го брани народот туку да го измачува, изјави Виталиј Кличко, опозициски лидер.
-Знам дека оваа влада и овој претседател ќе направат се што можат за да ја заштитат својата позиција и тие веќе покажаа дека тоа сакаат да го направат со специјалната полиција и безбедносните сили. Многу зависи од нас но и не само од нас туку од целата глобална заедница, од тоа дали Европската Унија, САД, Канада навистина ја подржуваат демократијата во Украина или не Јарсениј Јатсењук, опозициски лидер .
Власта тврди дека одлуката ја донела водејќи сметка за националните интереси, не сакајќи да ризикува трговска војна со Русија, која беше против потпишувањето на договорот меѓу Украина и Европската Унија.
Според неофицијални информации, непознат број тенкови на украинската војска се упатени кон Киев со цел стабилизирање на ситуацијата таму, пренесува Voice of Russia.