Грчката православна црква се соочува со нов скандал откако грчкиот весник „Акрополис“ неодамна објави дека располага со компромитирачки снимки за еден нејзин владика од полуостровот Пелопонез, од кои се гледа дека тој има хомосексуална врска. Снимката с` уште не е објавена во јавност, а Светиот синод на ГПЦ веќе побарал да го добие видеозаписот за и самиот да се увери за што станува збор.
Според тврдењето на весникот, станува збор за видеозапис во траење од 32 минути и на кој јасно се гледа во каква врска, недозволена за црквата, се впуштил еден од митрополитите на овој полуостров.
– Снимката да биде доставена до главниот секретар на Светиот синод за да можат да почнат постапките предвидени со светите канони на Црквата и со законите на државата – се наведува во синодското писмо. Грчката православна црква реагира со голема одбојност и осуда на појавите на хомосексуалност во своите редови. Ваквите појави, меѓутоа, не се ретки во православните цркви во светот, токму меѓу највисокиот клир. Пред неколку месеци, српскиот зворничко-тузлански владика Василиј Kачавенда беше разрешен откако во јавноста се појави снимката на која се гледа како тој се бакнува со младо непознато момче.