Годината која изминува, на спортски план, за некого беше успешна, за некого разочарувачка, но на крајот сепак, се паметат само победниците. Ова се 10-те најголеми спортски моменти во 2013 година.
Шпанија ја освои светската титула во ракомет: На домашен терен, на почетокот на годината, Шпанците ја освоија светската ракометна титула. Играчите на селекторот Валерио Ривера, до тронот стигнаа на импресивен начин, во финалето ја демолираа Данска, победувајќи со најголема разлика во еден финален меч.
Се врати кралот на Ролан Гарос, Рафаел Надал: Оваа година Надал ја освои осмата титула на Ролан Гарос, која му е вкупно 12-та на најголемите турнири. Надал, во февруари се врати на терените по тешката повреда на коленото, а на Ролан Гарос испиша историја, никој пред него не освоил осум титули на еден ист грен слем. Рафа годината јаза врши на првото место на АТП листата, со 920 бодови повеќе од Ѓоковиќ. Инаку весникот Марка, на прославата на 75-от роденден го прогласи за нјадобриот шпански спортист во историјата.
Баерн Минхен: Баварскиот гигант одигра совршена фудбалска година, во мај ја прослави тројната круна, а по финалето со Борусија Дортмунд (2:1), 100.000 луѓе низ Минхен ја славеа титулата. Баерн е само шестиот тим во историјата на фудбалот кој ја освоил тројната круна, пред Баерн тоа го направи Интер со Жозе Мурињо во 2009 година. Совршената година Баерн ја продолжи во септември, победа во Суперкупот на Европа и во декември, титула на Светското првенство за клубови.
Мајами ја одбрани НБА титулата: Леброн Џејмс, го предводеше Мајами до втората последовна титула, а самиот ја освои втората титула за најкорисен играч во финалните натпревари. Мајами, во големото финале, со 4:3 го совлада Сан Антонио, иако Спарси во шестиот меч ја имаа титулата во своите раце. Тогаш, Реј Ален, постигна тројка за израмнување на седум секунди до крајот на мечот, а останатото е веќе историја на НБА лигата.
Бразил победи на Купот на конфедерации: Четвртата титула во Купот на Конфедерации, Бразил ја освои на домашен терен, на преполната Маракана. ’Кариоките’ во финалето беа импресивни против Шпанија и со 3:0 стигнаа до титулата. Два гола постигна Фред, а еден гол во финалето даде Нејмар. Шпанците, на Маракана, беа поразени по серија од 29 натпревари на кои не ја почуствувале горчливоста на поразот, а за прв пат по 1985 година загубија со три голови разлика.
Анди Мареј го освои Вимблдон: Шкотланѓанец го исполни сонот на Британците кој траеше 77 години, Мареј победи на најпрестижниот светски тениски турнир – Вимблдон. Откако минатата година загуби во финалето од Роџер Федерер, фрустрациите Мареј ги наплати во 2013 кога во борба за титулата го победи Новак Ѓоковиќ со 3:0 (6:4, 7:5, 6:4).
Усеин Болт влезе во историјата: Јамајканецот, најбрзиот човек на светот, во август, на Светското првенство во Москва, освои три златни медали. Откако победи во индивидуалните трки на 100 и 200 метри, Болт и помогна на штафетата на Јамајка 4×100 да го освои златото, кое за него беше осмо од Светските првенства. Претходно, осум златни медали на Мундијалите освоиле само легендарните Мајкл Џонсон и Карл Луис.
Рекорден трансфер на Герет Бејл: Крајот на преодниот рок во фудбалска Европа донесе вистинска бомба. Герет Бејл ги урна сите рекорди, откако од Тотенхем се пресели во Реал за сума од 100 милиони евра. Реал го урна сопствениот рекорд, кога за трансферот на Роналдо, на Манчестер Јунајтед му плати 94 милиони евра. Бејл стана најскапиот играч во историјата на фудбалот, во Реал ќе игра за годишна плата од 10 милиони евра, со ’кралскиот клуб’ тој потпиша договор на шест години.
Кошаркарите на Франција ја освоија европската титула: Долго време и требаше на генерацијата на Тони Паркер да освои титула на големо натпреварување. Неколку пати Французите беа блиску до врвот, но конечно на него се искачија во септември 2013 година. Во реприза на финалето од 2003 година, Франција ја порази Литванија со 80:66, Паркер стигна до титулата и беше прогласен за МВП на првенството.
Себастијан Фетел и Марк Маркез: Германецот Себастијан Фетел со Ред Бул одработи уште една сезона, во која доминираше над своите колеги и во која се закити со четвртата последовна титула светски првак во Формула 1. Фетел, оваа сезона, го израмни рекордот на Михаел Шумахер според бројот на победи во една сезона, тој победи на 13 трки, а исто така го израмни и рекордот на Аскари од девет победи во низа во една сезона.
Марк Маркез ја одбележа сезоната во кралската класа во Мото ГП првенството. 20-годишниот Шпанец, во својата деби сезона ги надмина сонародниците Хорхе Лоренцо и Дани Педроса, како и легендата Валентино Роси и стигна до шампионската титула. Маркез, во првенството победи на шест трки, а во вкупниот пласман имаше четири бода повеќе од Лоренцо