Под нивите на Скопска Црна Гора има гробници – никој не ги истражил досега


Од екипата што ја истражуваше Скопска Црна Гора велат дека во селските ниви се евидентирани остатоци од гробови од камени плочи, кои локалните жители ги уништувале при обработката на земјата, но тие досега не се детално опишани и научно публикувани, пишува Нова Македонија.

Реонот на Скопска Црна Гора, селата, околните ниви и пред сѐ црковните и манастирски атари се преполни со историја што допрва треба да биде откриена. Тим на Центарот за научни истражувања и промоција на културата од Скопје – ХАЕМУС, меѓу кои и Василка Димитровска, магистер по археологија, кон крајот на минатата година ја истражуваше околината на селото Мирковци, каде што направи површински увид на архитектонски остатоци околу местото наречено Балаклија, кое досега не е регистрирано како археолошки локалитет во Република Македонија.

1 (1)Резултатите од овие првични истражувања покажаа дека во и околу ова село, како и низ цела Скопска Црна Гора, може да се најдат архитектонски градби од доцноантичкиот или средновековниот период. Од кажувањата на старите скопјани се смета дека во минатото Скопска Црна Гора се викала Скопска Света Гора. Таа била свето место за христијаните, кои за време на турското владеење на овие простори црквите и манастирите ги граделе токму на падините на планината.

Четириесет и првиот Давидов псалм

На влезот од селото Мирковци, во постарата црква на манастирскиот комплекс „Свети Илија“ е регистриран мермерен бел столб од доцноантичка или средновековна градба, кој е вкопан во левиот агол на објектот, на ниво на подот. Ова е само еден од археолошките пронајдоци. Екипата на ХАЕМУС на излезот од манастирскиот комплекс, во блиската нива, пронашла остатоци од керамички садови од средновековниот период, а на аголот од нивата, на излезот кон главниот пат на селото, бил забележан мермерен дел од некоја засега непозната градба.

3 (1)– На околу 700 метри оддалеченост од манастирот „Св. Илија“, во ограден двор, се наоѓа релативно новата црква „Св. Богородица Пречиста“. Во дворот на оваа црква како дел од оградата повторно се наоѓа еден столб со големи димензии од карпа со вулканско потекло, кој е доста оштетен, но упатува на претпоставката дека најверојатно бил дел од некој објект од доцноантичкиот или од средновековниот период. Самата конфигурација на теренот со остатоци од камена структура во форма на полукружна апсида упатува на можно постоење на одреден објект од сакрален карактер. Површински наоди не се пронајдени и без археолошки сондирања или, пак, ископувања доста е тешко да се согледа карактерот на оваа градба – велат од ХАЕМУС.

Пронајдени се и други предмети што говорат за богатата историја на овој дел. На еден од капителите што низ историјата се користел за различни намени се забележува крст, а на другата страна е претставен четириесет и првиот Давидов псалм, кој е еден од најфреквентните мотиви во ликовната декорација кај спомениците од христијанската епоха. Сите археолошки пронајдоци говорат дека станува збор за ранохристијанска базилика со големи димензии, која се наоѓала во овој дел на Скопска Црна Гора.

Под нивите гробници

21Според археолошката карта на Република Македонија во селото Мирковци досега се регистрирани два археолошки локалитети. На топонимот Преку Река се евидентирани повеќе споменици, т.е. наоди од римско време, кои се чуваат во лапидариумот на Музејот на Македонија. Северно од селото, кај местото наречено Шуманица, евидентирана е некропола од доцноантичкото време. Од екипата што ја истражуваше Скопска Црна Гора велат дека во селските ниви се евидентирани остатоци од гробови од камени плочи, кои локалните жители ги уништувале при обработката на земјата, но тие досега не се детално опишани и научно публикувани. При претходна посета на теренот од археолозите, над самото село е евидентирано утврдување од доцноантичкиот период.

– Најновите сознанија од 2013 година укажуваат на постоење на архитектонски градби од доцноантичкиот или од средновековниот период, чии елементи се употребувале во објектите од подоцнежните периоди.
Присуството на капител од ранохристијанска базилика ни укажува на претпоставката дека во околината би требало да бараме остатоци од голема градба со сакрален карактер, која најверојатно егизстирала во исто време со градот и некрополата. Археолошкиот локалитет кај селото Мирковци го воведуваме во научната литература под работниот назив Балкалија. Сублимираните информации треба да послужат за некои идни пообемни истражувања – велат од ХАЕМУС.

Целосниот стручен извештај од теренската проспекција во писмена форма е доставен до Управата за културното наследство на Република Македонија, Музејот на градот Скопје и Градскиот конзерваторски центар.

Извор: Нова Македонија

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1