Во Северна Кореја биле убиени сите најблиски роднини на неодамна егзекутираниот заменик претседател на Националниот комитет за одбрана Џан Сон-тек, тетинот на лидерот Ким Џонг-ун, соопштуваат денеска јужнокорејските медиуми, цитирани од ИТАР-ТАСС.
По наредба на лидерот на Северна Кореја биле убиени сите директни роднини на Џан Сон-тек, вклучувајќи ги и малолетните. Меѓу репресираните биле сестра му Џан Ге-сун и нејзиниот сопруг Џон Јон-чин, кој до недомана бил амбасадор на Северна Кореја во Куба, внукот кој бил амабасадор во Малезија и неговите двајца двесетгодишни синови. Убиени биле дури и внуците на Џан.
Некои од роднините на тетинот на севернокорејскиот лидер биле убиени во нивните домови, затоа што се обиделе да дадат отпор при апсењата.
Подалечните роднини, сопруги на неговите најблиски, успеале да ја избегнат смртта, но биле испратени во прогонство во далечните села.
Според јужнокорејските медиуми, „тоталната чистка“ била условена од желбата на севернокорејските власти целосно да го елиминираат секој спомен на поранешниот заменик претседател на Националниот комитет за одбрана, кого го сметале за еден од највлијателните луѓе во Северна Кореја по Ким Џонг-ун.
На почетокот на декември минатата година Џан Сон-тек беше осуден на смрт за „контрареволуционерна, антипартиска и антидржавна дејност“.