Од утре задолжително електронско пријавување и одјавување здравствено осигурување


Сите фирми од утре задолжително ќе треба да ја користат електронската услуга – пријава и одјава на здравствено осигурување преку веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

elektronska-zdravstvena-kartickaДиректорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова за МИА изјави дека електронската услуга за фирмите е воведена во декември и тие пријавувањето и одјавувањето на вработените и нивните семејства, наместо во подрачните служби на Фондот, може да го прават од својата канцеларија за што треба да имаат овластено лице кое има активна електронска здравствена картичка и читач кој чини околу 600 денари.

– Во Македонија има 75.500 фирми од кои 70.000 се активни. Состојбата не е задоволителна бидејќи досега има 2.000 фирми кои доставиле овластување и кои почнале да ја користат оваа алатка. Тоа е мал процент во однос на 70.000 активни фирми. Сепак, има одредени градови каде податоците се охрабрувачки. На пример во Струмица повеќе од 20 проценти, а во Битола околу 12 проценти од фирмите веќе ја користат таа платформа, а другите градови заостануваат, посочи Парнарџиева Змејкова.

Таа упати апел до сите фирми во најскоро можно време да достават само едно овластување од свој вработен кој има електронска картичка за да може да се регистрира на веб порталот на Фондот и потоа да не доаѓаат во подрачните служби и да прават пријави и одјави.

Посочи дека откако е воведена електронската услуга, одредени фирми веќе почнале да ја користат, некои барале обуки и тие се реализирале во јануари.

– Остануваме отворени доколку има потреба да ни се пријават на меил и ние врз основа на тоа креираме група и правиме кратка обука. Користењето на нашиот веб портал е многу едноставно. Значи треба една кратка обука за секоја фирма да почне да го користи. Оваа алатка е воспоставена само за нивно добро, за да не доаѓаат во подрачните служби на Фондот, за да си ја завршат пререгистрацијата или новото пријавување, истакна Парнарџиева Змејкова.

Укажа дека во моментот имаат голема активност околу дистрибуирање на електронските здравствени картички и дека од понеделник (3 февруари) почнува годишната пререгистрација на 220.000 граѓани во државата кои добиваат придонес платен од Министерството за здравство, но за да го добијат треба годишно од 1 февруари до 1 април да дојдат во Фондот и да достават изјави дека имаат ниски приходи.

– Тоа значи дека во подрачните служби на Фондот во следниот период ќе имаме големи турканици заради потребите на осигурениците и затоа нашите шалтери кои досега беа на располагање на фирмите ќе ги редуцираме и ќе ги пренасочиме за осигурениците, а на фирмите практично сме им овозможиле електронска брза услуга без физички контакт со Фондот. Се надевам дека и овој повик ќе ги охрабри фирмите да дојдат побрзо да се регистрираат и да ги избегнат турканиците во подрачните служби, додаде Парнарџиева Змејкова.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1