Американските токсиколошки центри забележале пораст на случаи со труење од електронска цигара, а повеќето се деца на кои таквата цигара им била на дофат, соопшти во петок американскиот Центар за контрола и превенција од болести.
Центрите наведуваат дека значително е зголемен бројот на труење од електронски цигари, од еден случај месечно во 2010 година на 214 случаи месечно од почетокот на оваа година.
Од септември 2010 година до февруари 2014 година имало 2.405 повици поради труење со електронска цигара, а 16.248 случаи со тутунска цигара.
Повеќето пријавени случаи на труење со електронска цигара биле деца под петгодишна возраст, кои голтнале, инхалирале или истуриле никотинска течност на кожа. Таквото труење предизвикува мачнина, повраќање и иритација на ткивото. Едно лице извршило самоубиство со вбризгување на таа течност во крвта.
Електронската цигара има комора за чување на течен никотин со различни концентрации и ароми. Цигарата во САД може да ја користат и малолетници.
Светската здравствена организација во 2008 година предупреди дека нема проверени научни докази дека електронската цигара е безбедна и дека им помага на пушачите да се одвикнат од пушење.