Опасни и големи кучиња без маска и подводник се честа глетка во нашиот град, особено во сончевите денови, кога Градскиот парк е преполн со луѓе. Ретки се сопствениците на миленици кои го почитуваат прописот за кучињата, а зелените паркови, особено во викендите, се најпосетувани места и за милениците и за шетачите.
Она што го привлекува вниманието се кучињата кои сопствениците ги шетаат без маска, а многу често и без подводник, па тие слободно трчаат меѓу најмладите. Сите кои се во паркот и кои ќе наидат на големи кучиња, од расата на ротвајлер, доберман и други поголеми раси, со страв поминуваат покрај нив, а родителите се обидуваат да ги заштитат своите деца од овие кучиња.
– Граѓаните мора да разберат дека своите миленици треба да ги шетаат со маска и со ремен. Наместо тоа, тие слободно ги пуштаат и така ги шетаат низ паркот и секаде низ градот, каде е преполно со граѓани и со мали деца. Јас имам мала ќеркичка и навистина не се чувствувам убаво кога покрај нас ќе поминат со куче кое не е врзано со подводник и нема маска. Минатиот викенд, куче од расата ротвајлер без маска и ремен го шетаа во парк, а притоа довикуваа дека кучето не е опасно. Никој не знае како тоа куче ќе изреагира во некоја ситуација и што ќе го разбесни. Апелирам до надлежните да ги санкционираат тие што не го почитуваат Законот, да не чекаме да се случи некоја несреќа, па потоа да реагираме, вели скопјанецот Љупчо А.
Правилникот предвидува кога сопствениците ги шетаат домашните кучиња на јавни површини, задолжени се да носат поводник, а оние поагресивните и маска на муцката. Куче ќе може да се пушти од синџирот и да се движи слободно во парк и на друга јавна зелена површина единствено од 22 до 8 часот налето и од 22 до 9 часот во зима. Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, сопственикот е задолжен својот миленик да го шета со синџир и маска на муцката.
– Според член 29 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, оној кој без заштитни средства, маска и подводник и без надзор држи кучиња и други опасни животни кои можат да преплашат или повредат некого, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра.
Вечер