Денеска (1 април) во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, со т.н. брзи серумски тестови од холандско производство, се тестирани 327 луѓе, од кои дури 54 се позитивни.
Претходно, за четири дена, од 28 до 31 март, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, беа тестирани вкупно 485 луѓе, од кои 34 беа позитивни. Во првите четири дена само 20 отсто од тестираните биле со зголемена температура и со симптоми за инфекција.
Денешниот извештај покажува значително зголемување на процентот на позитивни резултати. Позитивните пациенти се проследуваат во Институтот за јавно здравје да побараат дополнителна проверка со молекуларни тестови, доколку сакаат.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ набави 50.000 серумски рапид тестови за брзо детектирање на антителата ИгМ-ИгГ, кои можат ефикасно да детектираат присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот трае не подолго од 10 минути.
Во однос на објавите во дел од медиумите за бројот на позитивни случаи од тестираните пациенти во Систина, Министерството за здравство го појаснува следното.
Тестовите кои ги користи приватната клиника Систина се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на анти тела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус.
За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на анти тела кои ги прави Систина, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството.