Животна драма на едно имигрантско семејство од Ирак кое патувало до Западна Европа преку Србија по година и пол конечно доби среќен крај. Ирачаните Фират и Сана на пат кон Европа добиле син кој се родил предвреме и му требало лекарска грижа. Решиле да го остават на непознати луѓе во Србија и неговата судбина да ја препуштат на Господ, затоа што тие морале да го продолжат нивниот пат. Животна драма на малиот Ајмен ја пренесува српски Блиц:
Тој студен есенски ден Радош Џуровиќ, директор на Центарот за заштита и давање правна помош на барателите на азил добил повик од Институтот со порака дека стигнало тукушто породено бебе „имигрант“. Мајката се породила во седми месец со мали шанси да преживее бебето. Мајката претходно изгубила две бебиња. Исцрпена од пешачењето по патеките познати само на криумчарите на луѓе, почнала да се породува во Бугарија. Девет часа ја носел сопругот на грб до Србија.
Фират му ја раскажал на Радош животната драма и преку преведувачот го молел: Ти го оставам детето. Ако преживее чувај ми го, ако умре погребај го. Јас морам понатаму.“ Радош го гледал во шок човекот кој веќе трчал кон таксито за илегално да ја мине границата вртејќи се и повторувајќи „Чувај го, ќе ти се јавам!“
Но, среќата му се насмевнала на малиот Ајмен. Лекарите го спасиле. Останатото било на Радош. Успеал низ комплицираната правна процедура да го смести кај семејството Сузана и Александар Недељковиќ кои му дале дом и се грижеле за малото бебе.
Таткото на Ајмен, Фират, уште пред шест месеци штом бил во можност се јавил на Радош од една западноевропска земја во која барал азил. Кога слушнал дека синот му е жив, за Фират и неговата сопруга Сена животот станал чекање. Родителите имитранти од Ирак и бебето родено во Србија не било лесно да се спојат. Радош за таа цел го вложил целото свое знаење, енергија а највеќе воља. Фират дошол во Белград пред една недела. Добил статус на азилант и виза за Србија. Тој никогаш нема да дознае какви се препреки минувал неговиот пријател од Србија за еден ден да му се јави од западноевропската земја каде што сега живее и да му каже на Радош: „Се е во ред брате. Ајмен не плаче. Мајка му го држи.“
На разделбата во Белград Фират им рекол на семејството Недељковиќ дека им е должник и дека ќе го доведе Ајман во Србија, затоа што детето сега има две семејства.
Фират минал неколку дена во Србија со семејството Недељковиќ за барем малку детето да се навикне на таткото. Социјалните работници во Србија не сакале да го предадат бебето пред да мине одреден период на адаптација.
Радош на аеродромот го земал малиот Алмен од прегратките на расплаканите Александра и Сузана Недељковиќ и го дал на таткото. Го исполнил тоа што на Фират, бегалец од Ирак, имигрант кој тргнал на пат кон Евопа со бремената сопруга, му го ветил кога прв пат се сретнале во ноември 2013 година на Институтот за неонатологија во Белград.
– Еве ти го детето. Чувај го, како што ние го чувавме. И јави се, треперел гласот на Радош Џуровиќ, додека го подавал шестнаесетмесечното дете на младиот Ирачанец Фират на белградскиот аеродром.