Согласно Законот за поштенските услуги, давателите на поштенските услуги им одговараат на корисниците на поштенските услуги за штетата предизвикана со губење, ограбување, оштетување или пречекорување на рокот за достава на:
– препорачана поштенска пратка (услуга со која паушално се гарантира против ризици од губење, ограбување или оштетување на пратката со која на испраќачот, на негово барање, му се обезбедува доказ за достава на пратката на примачот),
– пратка со означена вредност (услуга со која се осигурува поштенската пратка до вредноста која ја означил испраќачот во случај на губење, ограбување или оштетување на пратката) и
– пакет (поштенска пратка со определена големина и тежина која содржи стока со или без означена вредност).
По исклучок, давателите на поштенските услуги нема да бидат одговорни за предизвиканата штета доколку докажат декагубењето, ограбувањето, оштетувањето или пречекорувањето на рокот за достава:
– е предизвикано од виша сила,
– е по вина на испраќачот,
– надлежен орган ја одзел или ја уништил поштенската пратка што содржи забранети материи или предмети,
– корисникот на поштенските услуги со измама ја осигурал содржината на поштенската пратка на износ кој ја надминува вистинската вредност на содржината,
– поштенската пратка не е доставена како последица на неточна адреса и
– корисникот на поштенските услуги не направил рекламација.
Рекламација
Kако би можеле да го остварат своето право на надоместок за штета корисниците на поштенските услуги се должни да поднесат рекламација.
Испраќачот има право да поднесе писмена рекламација до давателот на поштенските услуги во рок од 3 месеци од денот на испраќањето на пратката.
Примателот на поштенските услуги, пак, има право да поднесе рекламација:
– веднаш – доколку оштетувањето е видливо од надвор и
– во рок од 24 часа од приемот на поштенската пратка – доколку оштетувањето не е видливо однадвор, под услов да докаже дека оштетувањето или намалувањето на содржината на поштенската пратка настанало пред нејзиното врачување.
Доколку корисникот на поштенските услуги не поднесе рекламација во законски пропишаниот рок, истиот го губи правото на надоместок за штета.
Давателите на поштенските услуги се должни да ги примат поднесените рекламации и да одговорат на истите:
– во рок од 30 дена, доколку станува збор за рекламацииза поштенски пратки во внатрешниот поштенски сообраќај и
– во рок од 2 месеци, доколку станува збор за рекламации за поштенски пратки во меѓународниот поштенски сообраќај.
Доколку корисникот на поштенските услуги не добие одговор на рекламацијата од давателот на поштенските услуги, не му е дадена можост да поднесе рекламација или е незадоволен од одговорот по рекламацијата, истиот има право да поднесе барање за поведување на постапка до Агенцијата за пошти, во рок од 15 дена по истекот на погоре наведениот рок.
Корисниците на поштенски услуги можат да поднесат рекламација и за обични поштенски пратки, но без право на надоместок за штета.
Висина на надоместокот за настаната штета
Давателите на поштенските услуги се должни на корисниците на поштенските услуги да им исплатат надоместок за предизвиканата штета, и тоа:
1) За губење или целосно оштетување на:
– поштенска пратка со означена вредност – во висина на нејзината означена вредност и
– препорачана поштенска пратка и пакет – 15 пати од износот платен за услугата;
Во случај на губење или целосно оштетување на пратката давателите на поштенските услуги, покрај погоре определениот надоместок, се должни да го вратат и износот платен за услугата, намален за износот платен за препорачано ракување или ракување за пратка со означена вредност.
2) За делумно оштетување или ограбување на:
– за поштенска пратка со означена вредност – во висина на нејзината стварно настаната штета, но не поголема од означената вредност и
– за препорачана поштенска пратка и пакети – 10 пати од износот платен за услугата;
3) За пречекорување на рокот за достава на:
– приоритетни поштенски пратки – се плаќа 10 пати од износот платен за услугата и
– неприоритетни поштенски пратки – се плаќа 5 пати од износот платен за услугата.
Доколку покрај пречекорувањето на рокот за достава на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет настане и делумно оштетување или ограбување на пратката, од давателите на поштенските услуги не може да се бара надоместок поголем од означената вредност на поштенската пратка.
Одговорноста на давателите на поштенските услуги и висината на надоместоците за поштенски пратки во меѓународниот поштенски сообраќај се утврдуваат во согласност со меѓународните акти што ги склучила, односно на кои им пристапила Република Македонија.