Загадувањето на амбиенталниот воздух изминатите неколку дена во Скопје, Кичево, Кочани, Миладиновци, Велес , Битола , Тетово и во Кавадарци е на многу високо ниво.
Податоците на страницата за мерење на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање, за 6, 7, 8 и за 9 ноември покажуваат дека средната дневна концентрација на суспендираните честички ПМ10 е над дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.
Доколку и во текот на утрешниот ден концентрацијата на честичките ПМ10 ја надмине дозволената вредност, тогаш Министерството за животна средина препорачува да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и од мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјали и правилно да се користат печките за дрва.
Во вакoв случај, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачуваат да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и на крвоносниот систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Доколку вредностите на канцерогените честики ПМ10 ја надминат дозволената вредност 10 дена по ред, тогаш од Град Скопје треба да ги прскаат улиците со калциум магнезум ацетат, Јавното сообраќајно претпријатие треба да воведе бесплатен јавен превоз, а Министерството за внатрешни работи да воведе возење на автомобилите по системот пар – непар.
Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.