Работодавците од приватниот сектор што ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во првата година, објави премиерот Никола Груевски на вчерашната прес-конференција.
Мерката ќе трае две години со можност за продолжување во зависност од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години. Според статистиката на Агенцијата за вработување, се работи за 45.000 лица, од кои 25.000 активно бараат работа, а другите пасивно.
Работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност. Ослободувањето ќе биде за период од 12 месеци со обврска работодавецот да го задржи на работа лицето уште една година. Ова се однесува само на основицата од просечната плата – Ако работодавачот исплати нето-плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата – објасни Груевски.
Освен од социјалните придонеси, работодавецот ќе биде ослободен и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност што постои како законско решение.