Американецот Лоренс Мекини, кој е пуштен на слобода по 31 година минати во затвор иако не сторил никакво кривично дело, доби отштета од 75 долари, јави Си-Ен-Ен.
Во октомври 1977 година една жена во Мемфис била силувана од двајца напаѓачи, од кои едниот го идентификувала како нејзиниот сосед Лоренс Мекини, кој тогаш имал 22 години.
Тој бил осуден за силување и грабеж и во 1978 година осуден на 115 години затвор.
По три децении со анализа на ДНК е утврдено дека Мекини бил невин, поради што е пуштен на слобода во 2009 година, а од затворот во Тенеси добил чек на 75 долари за „повторно да започне свој живот“.
– Јас немав лична карта, така што ми требаа три месеци да ги подигнам тие 75 долари, изјави Мекини за Си-Ен-Ен.
Мекини, кој сега има 61 година, бара од државата Тенеси да му исплати милион долари отшета, затоа што бил невино осуден.
Комисијата која го разгледуваше неговиот случај едносгласно одлучи дека Мекини „не заслужува надомест од милион долари“.
– По разгледувањето на случајот, Комисијата не најде убедливи докази дека Мекини е невин, така што се одбива неговото барање за отштета, соопшти Комисијата.