Меѓу 62-те лица кои поднеле барање за амнестија за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија е и адвокатот Еленко Миланов кој е бранител на неколку од обвинетите за случувањата.
Пред почетокот на денешното рочиште во Кривичниот суд претседателот на судечкиот совет Добрила Кацарска го праша дали можеби е обвинет за настаните од 27 април.
-Ваше законско право е да поднесете барање за амнестија, но не знам по кој основ е. Дали можеби и вие сте обвинети, праша судијката Кацарска.
Рочиштето требаше да продолжи со изнесување дополнителни докази предложени од одбраната на обвинетите Митко Чавков, Душко Лазаров и Игор Југ, но поради важечката амнестија судијката Кацарска побара да одлучат обвинетите дали доказите да се изведат денеска или на следното рочиште кога, како што рече, ќе се знае дали некој е амнестиран или не.