Најтешко ми паѓаат садо-мазохистичките барања, јас едноставно не можам да ги удирам со камшик по задникот. Не сакам насилство, вели триесетгодишната Анабела за Дневник.
– Повеќето луѓе ме викаат курва, проститутка, но не ми пречи, бидејќи тоа е мој избор, моја работа и мој живот. Но, сепак, јас сум сограѓанка, комшивка, сестра, ќерка, пријателка, но и продавачка на љубов и сексуални задоволства. Имам триесетина години, а веќе 13 години заработувам продавајќи сексуални задоволства. Уште кога наполнив 18 години сфатив дека ниту една друга работа не ме исполнува. А и не сакав никој да ме злоупотребува за мала плата. Решив станбеното и животното прашање сама да си го решам, да заработувам за живот со единствената работа што ми причинува задоволство, а тоа е сексот. Во почетокот бев изгубена, многупати бев во неволја поради тоа, но сега добро знам што правам, вели Анабела, која денеска маршираше со стриптизери, ескорт-дами, хотлајн-операторки, масерки, активисти за човекови права и нивни поддржувачи за да укаже на лошите работни и животни услови на, како што се нарекуваат, сексуалните работници во Македонија.
Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената е боја на убавината, а чадорот штити од надворешни влијанија, лоши клиенти, макроа и слично.
Анабела вели дека била и на улица, барала муштерии и по кафеани и по пријатели. Сега има постојани клиенти, кои се навраќаат, па така е сигурна со кого има работа. Но, таа е во животна опасност кога првпат работи со непознат човек.
– Секојдневно трпам различно насилство – психичко, физичко, сексуално и економско, но поради криминализацијата, не можам да ги пријавам случаите на насилство, ја сум од другата страна на законот. Шаканиците што ги примам не ја болат државата, ме болат мене. Свесна сум дека мојата работа е морално неприфатлива. Не жалам за ниту еден ден – вели Анабела и додава дека денеска ќе се појави на маршот за да го сврти вниманието на сите жени чии мажи доаѓаат кај неа, на сите мажи што ќе дојдат и сакаат да дојдат кај неа.
Прес24