По добивањето на информацијата дека во тек на закажан оперативен зафат за породување дошло до смрт на родилка и на новороденчето, Основното јавно обвинителство – Велес започна предистражна постапка.
Надлежен јавен обвинител со цел утврдување на причините за смртта, до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија – Скопје, достави Наредба за судско-медицински преглед и обдукција на телата на починатите.
Во исто време донесена е и Наредба за анализа на крв на лицата кои го сочинувале тимот што го вршел зафатот, поради добиеното сознание дека двајцата лекари – анестезиолози биле во алкохолизирана состојба.
-Добиени се извештаите од судско-медицински преглед и обдукцијата. Во тек се дополнителни анализи и испитувања што треба да ги утврдат причините што довеле до смртта. Анализата на примероците на крв извршена од страна на Министерството за внатрешни работи покажа 1,23 промили, односно 1,75 промили алкохол во крвта на лекарите анестезиолози. Кај лекарите – гинеколози не е констатирано присуство на алкохол во крвта, се вели во соопштението од обвинителството.
Од страна на Основното јавно обвинителство – Велес во насока на утврдување на причините за овој немил настан што ја разбранува јавноста, се преземени и други дејствија. Прибавена е целокупната медицинска документација што се однесува како на оперативниот зафат, така и на прегледите на родилката што претходеле на зафатот и резултатите од извршените претходни испитувања. Во текот на изминатите два дена се сослушани поголем дел од медицинскиот персонал кој го извршувал оперативниот зафат.
Денес продолжува сослушувањето на останатите лица од медицинскиот персонал., информираат од ОЈО.