Авганистанската бунтовничка група Хакани, која е поврзана со локалните талибанци, четири години држи во заточеништво една северноамериканска двојка и нивните две деца, кои таму се родени.
Групата Хакани на интернет објави видео со членовите на ова семејство, покажувајќи дека тие се здрави, но во кое тие молат за помош за да бидат ослободени.
Канаѓанецот Џошуа Бојл и Американката Кеитлан Колеман, која била бремена, се киднапирани од бунтовниците, во летото 2012 година, додека биле на патување со кампирање низ Авганистан.
Хаканите од тогаш како услов за ослободување на оваа канадско-американаката двојка и на нивните деца, бараат да бидат ослободени од затвор тројца нивни припадници.
Во снимената видео порака, што ја пренесува Би-Би-Си, Американката Колеман, моли да им се помогне за да заврши, како што вели, кавкијанската ноќна мора, што сите ја преживуваат веќе четири години.
Таа се жали што првпат апелирала да се помогне за нивното ослободување уште во 2012 година, веднаш по нивното грабнување, но дека досега немало никаков одговор од кого било.
Колеман сега апелира до американскиот претседател Барак Обама и до неговиот наследник, Доналд Трамп „да го спасат нејзиното семејство“ од заточеништвото.
Претставник на талибанците, во посебно соопштение преку интернет, рекол дека тие ја испитуваат видео снимката, па дека затоа, засега, не можат ниту да го потврдат, ниту да го демантираат она што е прикажано на ЈуТјуб.
Според Би-Би-Си, нема никаква реакција ниту од американскиот Стејт департмент, а ниту од авганистанската влада.