Во регионов државите почнаа интензивни акции за апсење на вахабистите, а во Македонија, според тврдењата на челниците на Исламската верска заедница, се’ уште непознати радикални исламисти ги контролираат скопските џамии „Јаја Паша“ и „Тутунсуз“.
Вчера во седумнаесет градови во Босна и Херцеговина беше спроведена акцијата „Дамаск“ во која беа уапсени 16 вахабисти, а денеска во Приштина е уапсен имамот на Големата џамија поради радикален ислам. Косовските власти во изминатиов период имаа и една опсежна акција во која беа приведена десетици осомничени радикални исламисти.
Претседателката на Комисијата за верски заедници, Валентина Божиновска вели дека овие лица немаат, ниту пак можат да се регистрираат како верска заедница, бидејќи во „Јаја Паша“ и „Тутунсуз“ џамиите верски обреди може да врши само Исламската верска заедница.
– Овие луѓе се влезени преку некои други луѓе, влезени се на сила. Нивниот начин на молење и специфичен изглед се потполно различни од останатите верници, вели Божиновска.
Меѓутоа таа додава дека ИВЗ треба да има свој механизам за отстранување на ваквите лица и потенцира дека Министерството за внатрешни работи нема право да влезе ниту во црква, ниту во џамија, бидејќи Македонија меѓу другото е и секуларна држава.
Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во интервју за „Гласот на Америка“ на албански јазик, вели дека имамите во овие две џамии се од ИВЗ, но не и луѓето од џамиските одбори. Исто така тој потенцира дека во овие џамии го немаат ниту првиот човек кој се нарекува мутевелија, односно претседателот на Џамискиот Одбор.
„Тие луѓе не се наши, тие се наметнати. Ние сепак сме слободни и не можат да ни го забранат влезот, но немаме целосна контрола врз овие две џамии“, вели Реџепи во интервјуто.
Поглаварот на ИВЗ неодамна побара помош од МВР за воспоставување на целосна контрола, а експертите за безбедност предупредуваат дека ширењето на радикалниот ислам најчесто оди преку инфилтрирање на лица во институциите на исламски верски заедници.
Сепак, според министерката Гордана Јанкулоска, Министерството за внатрешни работи нема надлежност да врши контрола во џамиите, додавјќи дека „МВР до доменот на надлежностите ги презема сите мерки и активности во функција на одржување на висок степен на национална безбедност“.
За пропаганда на џихадот, минимум 500 евра по семејство
Според медиумите, јавна тајна е дека лицата што пуштаат долги бради, како и забулените жени, добиваат и месечен паричен надомест, чиј минимален износ за семејство наводно изнесува 500 евра. Оние што вршат пропаганда во полза на светата војна и џихадот добиваат и по три пати повисок износ месечно. Пари, пак, за џихадистите, стасувале и од Македонија. Освен трошоците за заминување за Сирија, на џихадистите пред заминување им биле намирувани и долговите што ги имале.
Netpress