Баритонот на Македонската национална опера и балет Ристе Велков и неговиот 20-годишен син Адам Велков, се двајца од четворицата загинати во трагичната сообраќајна незгода што се случи ноќеска на скопската обиколница.
Според досегашните информации, трагедијата се случила меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога камион со косовски регистарски таблички ја пробил заштитната ограда, преминал на спротивната лента и директно удрил во автомобил „БМВ“.
Ристе Велков важеше за еден од најпознатите македонски баритони и долгогодишен првенец на Македонска опера и балет. Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни сцени, а беше препознатлив по изведбите во белканто продукции.

Роден во Скопје во 1975 година, Велков дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а во текот на кариерата соработувал со реномирани вокални педагози од Македонија, Италија, Бугарија и Романија.
Настапувал во Јапонија, Србија, Турција, Бугарија и Романија, а беше дел и од најзначајните музички фестивали во Македонија, меѓу кои Охридско лето и Мајски оперски вечери.










