По трите експлозии што утрово се случија на аеродромот и метро станица во Брисел, белгискиот премиер Шарл Мишел ги предупреди граѓаните во земјата да избегнуваат било какво движење и да останат во своите домови.
Околу објектот во кој се наоѓа кабинетот на премиерот распоредено е дополнително обезбедување.
Евростар, која е задолжена за брзите возови меѓу Лондон и Брисел, ги прекина денеска сите линии по експлозиите кои го потресоа белгискиот главен град.
– Во моментов не сообраќаат возови од и до бриселската станица Миди. Ги советуваме бриселските патници да ги одложат патувањата и да не доаѓаат кон железничката станица, соопшти Евростар на Твитер.
Во моментов во Брисел запрен е целиот јавен сообраќај.
Европската комисија ги повика вработените да останат дома или на работните места, по денешнте експлозии на аеродромот Завентем во Брисел.
– Институциите на ЕУ работат заедно за да осигураат безбедност на персоналот и просториите. Ве молиме да останете дома или во зградите, објави на Твитер, Кристалина Георгиева, еврокомесар за буџет, која е задолжена и за безбедносни прашања.
Зградите на Владата и на Парламентот на Белгија во Брисел се евакуирани.
Како што јавија локални медиуми тунелите во Брисел се затворени за сообраќај на возила, што е дел од мерките преземени од полицијата, по експлозиите на аеродромот.