Бесплатни здравствени услуги и за трудниците кои немаат осигурување. Од првиот преглед, биохемиски анализи и брисеви до самото породување нема да платат ниту денар. Одлуката е на сила од вчера и е дел од новата програма на министерството за здравство за мајки и деца. Надлежните ги известиле сите јавни здравствени установи да не им земаат пари за услугите.
– Ваквата мерка која е дел од програмата за мајки и деца има за цел да ги мотивира жените навреме да одат на гинеколог и да ги прават сите неопходни прегледи кои се дел од бременоста. Целта е да се намали доенечката смртност и навреме да се детектираат одреден аномалии, вели Јованка Костовска од МЗ
Минатата година од 23 000 породувања, околу 5 000 родилки воопшто не оделе на гинеколошки прегледи. Со женски лекар првиот контакт го имале за време на породувањето. Во оваа категорија се жени од ромска популација и од рурални средини кои немале осигурување а прегледите им биле скапи.
– Значи тие не плаќаат партиципација туку прегледите за нив беа приватно и сигурно тоа било една од причините да не посетуваат гинеколог. Сега со оваа одлука им овозможуваме да добиваат бесплатни прегледи за време на бременоста, вели Костовска
Од први декември минатата година, од плаќање на прегледите поврзани со бременоста беа ослободени и сите трудници кои се здравствено осигурани.