Би-Би-Си: Нимиц – Човекот кој посвети 23 години на еден збор


Поминаа 26 години од распадот на Југославија, со кој настана и Република Македонија. Во текот на целото ова време, новонастанатата држава немаше официјално, меѓународно прифатено име, бидејќи Грција се спротиставува на името „Македонија”. Безмалку сите овие години, еден човек работеше да го реши проблемот, пишува Алекс Маршал од Би-Би-Си, кој објави разговор со посредникот на Обединетите Нации во спорот за името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц со наслов „Човекот кој посвети 23 години на еден збор“.

Долгогодишниот посредник Нимиц сака однапред да стане јасно дека тоа што е посредник не значи дека ги поминал изминатите 23 години мислејќи само за еден збор – Македонија.

– Можеби размислував за овој збор подолго од било кој друг, вклучително и во таа земја. Но, ова не е нешто што го правам со полно работно време – вели 78-годишниот американски дипломат.

Нимиц е ангажиран во преговорите за најчудниот меѓународен спор во светот од 1994 година. На почетокот на неговиот мандат, Нимиц беше специјален пратеник на претседтелот Бил Клинтон, а од крајот на 1999 година е пратеник на Генералниот секретар на Обединетите Нации. Неговата задача е да ги поттикнува двете земји постепено да се движат кон постигнување решение на спорот. За овој труд, Нимиц добива симболичен надомест од 1 долар годишно.

Македонија влезе во Обединетите Нации така што се согласи официјално да и се обраќаат како Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), но ова не беше замислено како трајно решение на проблемот, и создаде редица нови потешкотии.

– Многу е тешко да се употреби тој израз во реченица – вели Нимиц.

Поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун еднаш се збунил и кажал „Поранешната Југословенска Република Југославија”.

– Мораш да го решиш овој спор, ми велеше Бан, ќе полудам од него – се сеќава Нимиц.

И покрај исклучително бавниот тек на преговорите, Нимиц никогаш сериозно не помислил да ја напушти позицијата.

– Некои луѓе мислат дека мојата работа е да седам тука и постојано да смислувам придавки – Нова Македонија, Горна Македонија.. Но, ова прашање има историска важност, важно е од контекст на градење на државата. Притоа, воопшто не е здодевно и ликовите кои учествуваат постојано се менуваат. Претставете си режисер кој го поставува Кралот Лир или Хамлет, но со различни сценографии и актери. Не може да ви здосади – вели Нимиц.

Нимиц е оптимист дека наскоро може да дојде време а решавање на спорот. Ова е делумно поради новото раководство во Македонија – социјалдемократот Зоран Заев стана премиер годинава по долгата политичка криза. Но, делумно оптимизмот е затоа што Македонија мора да најде решение на спорот за да се приближи до остварување на своите цели за влез во НАТО и во Европската Унија.

Но, Нимиц признава дека ќе биде тешко да се убедат гласачите во двете држави. Македонските лидери ветија дека било каков договор ќе биде ставен на референдум. Според Нимиц, дел од решението на проблемот е да се охрабрат граѓаните да не гледаат на него како на прашање на национален идентитет.

– Еден обичен граѓанин во Скопје еднаш ми кажа дека кога ќе стане наутро и ќе почне да се бричи во огледалото си вели дека е Македонец. Утре, кога ќе се бричам, очекуваш да кажам дека сум Нов Македонец или Горен Македонец?. Му одговорив дека неговата загриженост е разбирлива, но дека е погрешно да се гледа на таков начин на прашањето. Ние само зборуваме за формулирање на име за државата кое ќе се користи во дипломатски цели. Тоа нема да влијае на обичниот граѓанин. Не преговараме за идентитетот. Да стануваше збор за преговори за идентитетот, јас ќе ги напуштев – вели Нимиц.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1