Би-Би-Си објави денеска за првпат список за највисокоплатените „ѕвезди“ што покажа значителна разлика во примањата што ги добиваат мажи и жени.
Британскиот медиумски сервис соопшти дека водителот Крис Еванс е најплатен со примања од 2,2 милиона фунти за година. Две третини од најплатените во Би-Би-Си се мажи, а жена со највисока плата е Клодија Винклман со примања речиси петпати помали од Еванс – под половина милион фунти годишно.
Фудбалскиот коментатор и поранешен капитен на националниот фудбалски тим, Гари Линекер добива околу 1,8 милиони фунти годишно.
Во податоците се наведува дека Би-Би-Си плаќа на 96 вработени по најмалку 150.000 фунти годишно – повеќе од платата на британскиот премиер.
Со години Би-Би-Си е на „удар“ да открие за платите на водителите. Објавувањето на податоци на јавно-финансираниот медиум е согласно договор за финансирање со Владата.