Сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, во изјава за „Слободен печат“ ги отфрла обвинувањата на бизнисменот Зоран Азманов дека му побарал рекет од 50.000 евра.
– Каков рекет, какви 50.000 евра, немојте тоа да го земате за сериозно. Со бизнисменот зборував двапати, тој бараше да се видиме, да се договориме, јас му реков дека нема простор – вели Јовановски.
Тој истакнал дека Азманов не сакал да даде снимена изјава, а емисијата не оди во живо, па затоа и не може да се даде изјава во живо.
Во однос на тоа зошто во најавата за емисијата се споменуваат конкретни имиња, а доказите за наводниот криминал ќе бидат презентирани по еден месец, Јовановски вели дека тоа е во согласност со форматот и лиценцата на емисијата.
– Ако Азманов е сигурен во своите тврдења, нека тужи – вели Јовановски.
По повод најавената ТВ-емисија „Инсајдер“ што ќе се емитува на 1 ТВ, на која се споменува името на Зоран Азманов, претседател на надзорниот одбор на Настел ДООЕЛ, тој денеска на прес конференција кажа дека против сопственикот на телевизијата Бојан Јовановски, поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.
Азманов на средбата со новинарите објасни дека во петокот, во 13 часот и 51 минута, Бојан Јовановски во телефонски разговор му побарал 50.000 евра или стан за да „немал никакви проблеми“. Азманов го пријавил случајот во полиција, односно поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.