60 годишниот Јорго Ангеловски, кој боледувал од хронична депресија, во 2013 се напил поголемо количество лекови за смирување, па самиот отишол во Клиничката болница во Битола да побара лекарска помош. Според пишувањата лекарката ѝ рекла на сестрата да му дадат инфузиски раствор за плакнење на желудникот, а таа пак наредбата ја „проследила“ до техничарот З.Д.,кој имал само основно образование и работел како болничар-транспортер. Тој ја послушал наредбата од сестрата и посегнал по тубите со раствор каде вообичаено стоеле. Но без да забележи што пишува на тубата, наместо инфузиски раствор, како „терапија“ на Јорго му дал средство за дезинфекција, со кое хигиеничарката вообичаено го чистела подот. На Јорго нагло му се влошило уште по испивањето на втората чаша. Но иако бил згрижен на Одделението за интензивна нега, Јорго Ангеловски утрината на 15 август 2013 година починал
По две години судење, судот во Битола донесе пресуда – 6 месеци затвор за болничарот за убиство од небрежност
Според пресудата на Основниот суд во Битола, обвинетиот З.Д. бил свесен дека може да го лиши од живот пациентот, но лекомислено сметал дека до тоа нема да дојде. Двапати едноподруго му дал да испие по една чаша, но по грешка му дал да пие од средство за чистење подови „дезинтал“ од пет проценти. Потоа на пациентот му се влошила комплетната здравствена состојба, по што утрото околу пет часот починал на Одделението за интензивна нега и реанимација. Настапила насилна смрт поради труење со корозивното средство што предизвикало нарушување и престанок на работата на важни витални органи. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело убиство од небрежност, за што се осудува на казна затвор од шест месеци, стои во неправосилната пресуда на Основниот суд во Битола.
Во текот на судскиот процес обвинетиот не негирал дека го направил делото за кое е обвинет. Но, според него, судот не зел предвид дека тоа го направил по категорична наредба на претпоставеното лице и дека со своето дејствување имал намера да му помогне на покојниот Јорго. Средството било со иста боја и во иста големина и форма на тубата во која се чувал физиолошкиот раствор, кој се наоѓал на истото место, прилепен до средството за дезинфекција. Тубите стоеле завртени со етикетите кон ѕидот и на ниеднa од тубите немало знак за опасност по живот.