Фронтменот на бендот „ЈуТу“ Боно Вокс за малку ќе загинал на летот за Берлин. Пејачот и четири негови пријатели патувале од Даблин во Берлин, но Боно бил единствениот член на „ЈуТу“ во авионот, додека останатите членови на бендот Лери Мулен, Еџ и Адам Клејтон летеле со друг лет.
Среде летот на 2.000 метри отпаднала задната врата на приватниот авион и одлетал целиот багаж, пишува „Дејли мејл“.
– Имав голема среќа. Еден час по полетувањето се слушна голем удар, но авионот продолжи понатаму па слета на берлинскиот аеродром. Тамошните службеници беа вчудомевидени кога видоа што се случило. Целиот багаж одлета – рекол извор.
Боно и членовите на групата патувале во Берлин за да ја примат наградата на Бамби Интернешнл Мјузик наградите, но Боно полетал порано за да присустува на дипломатскиот состанок со германскиот министер за економска соработка и развој Герд Мулер.