Братче и сестричка од Делчево се борат за живот. Наместо бонбони, голтнале тешки седативи. Ги нашле играјќи си на улицата позната како „Пустевски ендек“ во Делчево пренесува „Старплус“ на ТВ Стар од Штип. Децата на возраст од 7 и 4 години околу 18 часот биле примени во делчевската брза помош во тешка здравствена состојба.
„Фамилијата донесе таблети асентра и кај едното дете најдовме таблети верапамил.Направивме лаважа, децата развија блокада на срцето, едното од втор, другото од 3 степен – изјави д-р Гоце Стојменовски, раководител на Итна медицинска служба Делчево.
Драмата за да спасат двата детски животи во делчевската брза помош траела неколку часа.Децата се префрлени на детската клиника во Скопје, од каде информираат дека тие денеска се во добра општа состојба, благодарение на навремената интервенција, додава „Старплус“ на ТВ Стар,
„Прво велеа дека ги нашле во буре, па после тука на улица, многу беше тешко“, рече Ерсин Ибраимов, татко на децата.
Ова семејство живее од социјална помош и во мизерни услови. Соседите велат дека децата, најверојатно, биле гладни:
„Тешко живеат, децата ги напушти мајка им, сега Ерсин ги гледа со мајка му и таа е болна. Сигурно биле гладни“, рече Тони Јакимовски, сосед.
Таблети кои пливаа по ендекот крај улицата се забележуваа и денеска.