Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната средба со новинарите уште еднаш потврди дека повредениот со огнено оружје во неделата кај Ѓавато, кој е брат на градоначалничката на Битола Наташа Петровска се самоповредил и дека шпекулации се информациите дека во него било пукано откако претходно имало и физичка пресметка со лицето кое било со него.Инцидентот во кој бил ранет братот на Петровска, 36-годишниот Михајло С. се случил викендот во близина на Ѓавато на магистралниот пат Ресен – Битола, по што во јавноста се проширија шпекуации дека не станува збор за самоповредување , туку дека во него било пукано, но дека МВР се обидува да го сокрие тоа.
Според полицискиот билтен, во неделата на 5 ноември во 23,55 часот во Секторот за внатрешни работи Битола, телефонски се јавил С.Ф.(43), кој пријавил дека во клиничката болница во Битола, пренесува повредено лице од огнено оружје. Од страна на екипа при Секторот за внатрешни работи Битола било констатирано дека С.Ф. околу 13,30 часот заедно со неговиот пријател М.С.(35) отишле на лов, во близина на Ѓавато. По завршувањето со ловот, околу 22,30 часот, двете лица, со возилото се паркирале на паркинг на патот Битола-Ресен и додека биле надвор од возилото С.Ф. му ја дал наполнетата пушка, негова сопственост, на М.С. и се оддалечил од возилото. Но тогаш слушнал еден истрел, се свртил и го видел М.С. во лежечка положба, зад паркираното возило. С.Ф. му пружил прва помош на повредениот, го ставил во возилото и се упатил кон Клиничката болница во Битола.