Норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик, кој за време на судскиот процес за убиство на 77 луѓе во 2011 година не покажа никакво каење, денеска истакна дека се откажува од насилството и има желба да се извини поради своите злодела доколку му биде дозволено да основа фашистичка партија.
Во писмо на 33 страници, испратено од затворот, Брејвик тврди дека е подготвен да донесе промени по мирен пат и сака да формира партија под името Норвешка фашистичка партија и нордиска лига.
– Како поранешен борец срцето ми крвари поради варварството кое го извршив на 22 јули, наведува Брејвик, алудирајќи на денот кога ја поставил бомбата под автомобил во центарот на Осло, од која загинаа осум луѓе, а потоа застрела уште 60 лица на островот Утоја.
Тој додава дека единствената цел на основањето на партијата е такво нешто никогаш да не се повтори. Брејвик бара и укинување на одредбата со која фашистичките партии се засекогаш исклучени од политичкиот живот на демократска Норвешка.
Тој се жали дека затворските власти му го ускратуваат правото да основа политичка партија, така што ги конфискуваат неговите писма кои ги испраќа барајќи потребни потписи за таа цел. Брејвик предупреди дека ќе ја тужи државата доколку норвешкото Министерство за правда во рок од 30 дена не му дозволи да формира партија.
Брејвик отслужува максимална затворска казна во Норвешка од 21 година, но и по истекот на рокот тој не мора да биде ослободен доколку се процени дека претставува закана за општеството