Брилијантен мајстор на саксофон – критичарите не штедеа суперлативи за концертот на Нинослав Димов


Салонот 19,19, си го враќа сјајот на одличен концертен простор на македонските музички уметници и место за скопската публика каде може да се чуе добра музика.

Последниот концерт на саксофонистот Нинослав Димов предизвика овации, а него го вивна меѓу македонската музичка елита од кого допрва треба да се очекува многу, а му се смее и меѓународна кариера. Еве што за него и за концертот вели критичарот Снежана Анастасова Чадиковска.

.. Нинослав Димов ни се разоткри како апсолутен мајстор на инструментот, но и  како уметник со извонредна  способност за креативни понирања и сценска сугестија. Од своја страна, пијанистката Маја Поповиќ беше верен и доследен придружник на кажувањата на солистот, покажувајки завиден степен на пијанистичка коректност и сенс за изведените дела.

Благодарејки на мајсторството и сестраноста на младиот солист, оваа концертна вечер ја доживеавме не само како демонстрација на врвно виртуозна саксафонистичка акробација и атрактивност, туку и како чин на вистинско духовно возвишување и радосно озарување  низ музиката.

Се на се, со својот декемвриски солистички концерт, проследен со бурни аплаузи на публиката, Нинослав Димов несомнено се вброи во врвот на македонската изведувачка елита, онаа која со право претендира и за освојување на широка и сестрана меѓународна афирмација.,, – Снежана Анастасова Чадиковска

Нинослав Димов е еден од најмладите наставици- доцент по саксофон на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тој својата  кариера, освен на пленувачката талентираност, ја темели пред се на извонредната школа – онаа која ја стекнал учејки кај својот татко – најпознатиот македонски кларинетист и саксофонист Стојан Димов, како и кај професеорот Детлеф Бенсман  во Берлин, Германија.

По повеќе забележителни настапи како солист и водач на квартетот саксофони ,,Димов“, тој за оваа своја концертна вечер, се определи за повеќе дела на композитори од дваесеттиот век: “Сонатата” од Јакоби, “Патувањето на светлината” од Рос, “Карникс” за соло-саксофон од Никифор, “Ер и скерцо” од Коуел, како и “За среќата на дамите” од Матитија.

Низ палетата од разнородни композиторски кажувања – од тие со благи неокласицистички насоки (Јакоби), преку тие со згуснат експресионистички израз (Рос, Коуел), па се до брилијантните фолклорни и естрадни трансформации на Никифор и Матитија, конценторт на Димов навистина ја покажа неговата посветеност на овој инструмент.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1