Условите што Софија ги поставува за добивање на државјанство се навредливи, недостојни и нечовечни и има за цел одродување на Македонците.Тоа е недостојно и за Европската Унија доколку продолжи да го толерира ваквото однесување. Во целина, кон Македонија и кон македонскиот народ, бугарската држава ја спроведуваат филозофијата на хиената, се вели во писмото на Македонски манифест, кое го пренесуваме во целост.
„Република Македонија е либерална држава во однос на припадноста на нејзините граѓани. Голем број жители имаат и туѓи државјанства, во согласност со регулативите на другите земји, и тоа не предизвикува никакви проблеми.
Сепак, регистрирана е појава која предизвикува загриженост во земјата и особено кај нас, членовите на движењето Македонски манифест. Откако Бугарија стана членка на ЕУ и се здоби со поволностите во однос на визниот режим со другите членки на Унијата, Софија почна да води тенденциозна, некоректна и злонамерна политика кон Македонија.
Свесна дека македонските граѓани беа соочени со крајно рестриктивен визен режим од страна на ЕУ, и имајќи ги предвид економските тешкотии со кои се соочи земјата после распадот на Југославија и проблемите на нејзиното етаблирање на меѓународната сцена, Бугарија официјално воведе и разработи систем и механизми за што повеќе македонски граѓани да земат бугарско државјанство.
Историски факт е дека Софија настојува да го бугаризира идентитетот на македонскиот народ и неговата држава. Таа не ги прифаќа Македонците како издвоен, посебен народ туку тврди дека се тие неосвестени „Бугари“, а македонскиот јазик го смета како дијалект на бугарскиот. Тоа е неодржлива, антиисториска позиција на Бугарија која, за жал, се’ уште опстојува.
Бугарската широкоградост кон Македонците кои имаа(т) интерес да земат бугарско државјанство и пасоши е резултат токму на горниот синдром. И на овој начин Софија сака да покаже дека во Македонија сите се „Бугари“, а не Македонци. Тоа е однапред изгубена битка бидејќи сите апликации за бугарски пасоши се резултат на економските проблеми и политиката на изолација која долго време ја води ЕУ кон Македонија и немаат никаква врска со изразување на било какво бугараштво. Луѓето земаа(т) бугарско државјанство само поради пасошите, за да можат да работат во Унијата.
Македонците што примиле и примаат бугарско државјанство и пасоши го прават тоа бидејќи се убедени дека така полесно ќе добијат работа низ Европа. На тоа ги принудила невработеноста и сиромаштијата, а бугарската држава ја злоупотребува нивната несреќа уценувајќи ги да се побугарчат.
Дека е тоа точно потврдува следното – а) откако беше либерализиран визниот режим за Македонија, побарувачката на бугарски пасоши е намалена на минимум, и б) барателите на пасоши беа главно поединци кои одеа на работа во европските земји, а не земаа државјанство и за другите членови на семејството. Доколку земањето на државјанство навистина беше израз на некакви бугарски национални чувства, тогаш тие секако ќе се земаа и за целото семејство, што е крајно редок случај.
Меѓутоа, високо почитувани, главниот проблем е во фактот што оваа своја политика Софија ја спроведуваше на нелегален, непринципиелен и неевропски начин. Условите кои беа поставени за добивање на државјанство беа навредливи, недостојни и нечовечни. Секој барател требаше да потпише изјава дека и тој, неговиот татко, дедо, прадедо… – биле или се „Бугари“!
Широкото делење на „бугарски пасоши“ има за цел одродување на Македонците. Бугарскиот политички врв има мефистофелски план за разнебитување и уништување на македонската држава и на автентичниот национален идентитет на народот без да се почитуваат европските цивилизациски норми. Тој ги игнорира индивидуалните и колективните идентитети на луѓето. Наместо да ја промовира филозофијата на универзални вредности, на правдата и хуманоста, Софија нè враќа стотина и повеќе години назад во историјата. Тоа не и прилега на бугарската држава и недостојно е за Европската Унија доколку продолжи да го толерира ваквото однесување.
Во целина, кон Македонија и кон македонскиот народ, бугарската држава и нејзините официјални претставници ја спроведуваат филозофијата на хиената. Филозофија што се базира на бескомпромисна мршојадна грабливост кон жртвата која се наоѓа во незавидна положба. Тоа е дијаметрално спротивно на вредностите кои ги пропагира и спроведува Унијата.
Ваквиот начин за добивање државјанство веројатно е единствен случај во ЕУ кој заслужува внимание и истрага од надлежните служби во Брисел. Покрај другото, политиката на врбување на што повеќе Македонци да станат „Бугари“, е спротивна на целите кои сака да ги реализира Унијата.
Бугарската влада, со блокада на членството во Европската Унија, ја уценува Македонија да ја усогласи сопствената историја според бугарски оценки и „вистини“. Тоа е уште еден преседан во цивилизацискиот свет. Паралелно, Бугарија инсистира на потпишување на едностран договор за добрососедство и соработка, со кој Македонија, макар имплицитно, треба да прифати дека нема ниту македонски народ, ниту македонски јазик, туку дека сите Македонци се „Бугари“!
И ООН и ЕУ се веќе запознаени дека македонското малцинство во Бугарија нема никакви права; дека не можат на попис да се определат како Македонци; дека им е забрането да се организираат во културни, уметнички или политички друштва кои носат предзнак македонски.
Затоа, високопочитувани, ве молиме да се заинтересирате за горните политики, случувања, намери и пракси и да преземете мерки кои се во ваша надлежност за да престане овој своевиден геноцид кон Македонците од страна на Бугарија.
Македонски манифест
ZaSe