Се зголемува бројот на жртвите од невремето во скопскиот регион.
Началникот на одделението за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи, Наталија Спирова Кодриќ соопшти дека според последните податоци, до 11.15 часот бројот на жртви од невремето се зголемил на 16, 13 од нив се идентификувани и предадени на семејствата, додека за тројца е во тек идентификација.
Во болниците се примени 22 повредени лица додека засега шест лица се водат за исчезнати. Но, од МВР стравуваат дека бројот на жртвите ќе се зголемува. Неофицијално бројот на жртвите е 20, бидејќи пријавено е дека има уште четири настрадани лица, но се уште нема официјална потврда за тоа.
-Бројките се менуваат од минута во минута. Стравуваме дека бројот на жртвите ќе се зголемува. Со повлекувањето на водата се откриваат нови тела на удавени луѓе, изјави Спирова.
Силното невреме во Скопје во саботата вечерта сруши и поплави многу куќи, голем број на автомобили останаа заглавени, во голем дел од регионот немаше струја, а најпогодени беа Стајковци, Сингелиќ, Арачиново и Смилковци