Спасувачките служби продолжуваат да извлекуваат тела од под урнатините на супермаркетот „Максима ХХ” во предградие на латвиската престолнина Рига во четвртокот навечер, со што вкупниот биланс досега е 47 жртви.
Латвиската полиција соопшти дека во петокот до 16 часот по средноевропско време бројот на загинатите изнесува 47, а меѓу нив се тројца пожарникари. Бројот на повредени е прецизиран на 40, повеќето во тешка состојба, од кои седум се припадници на противпожарната служба кои во првите моменти на уривањето на покривната конструкција од објектот со вкупна површина од 500 квадратни метри дошле на помош на настраданите, но попуштила слабата конструкција на зградата.
„Последните неколку часа меѓу урнатините не пронајдовме ниеден преживеан”, изјавила Викторија Сембеле, портпаролка на спасувачката служба.
Државната телевизија соопшти дека, според информациите добиени преку снимките од надзорните камери, се претпоставува дека под урнатините би можело да се наоѓаат уште 40 луѓе, меѓутоа ниту портпаролката Сембеле, ниту полицијата не можат да ја потврдат таа бројка.
Спасувачките екипи користат кранови за подигнување на урнатините од супермаркетот, во населбата којашто е на половина час од центарот на Рига и која во времето на несреќата во четвртокот во 20 часот по локално време бил полн со купувачи кои вообичаено пазарат таму по завршувањето на работното време.
Премиерот Валдис Домбровскис изјави дека несреќата ја потресе целата земја, „Во нашите мисли се сите оние коишто се погодени со оваа трагедија. Без оглед на тоа кои се причините за несреќата, бројката е преголема”, рекол премиерот за балтичката новинска агенција BNS.
Причината за уривањето сé уште е непозната, иако имаше информации дека се изведувале градежни работи за изградба на зимска градина на покривот од супермаркетот, а некои очевидци во четвртокот навечер за локалните медиуми изјавија дека во моментот на несреќата слушнале експлозија. „Меѓутоа,јасно е дека постоел проблем со исполнувањето на бараните градежни критериуми”, изјави министерот за внатрешни работи, Рихард Козловскис
Makfax