Откако бугарските власти соопштија дека нема да ја екстрадираат Ива Михајлова во Северна Македонија, повикувајќи се на ограничувањата во бугарското законодавство и Уставот, премиерот Христијан Мицкоски најави дека случајот ќе биде покренат пред меѓународните партнери на земјата.
Мицкоски посочи дека државата има на располагање механизми за дејствување на меѓународната сцена, додека истрагата за околностите под кои Михајлова ја напуштила земјата сè уште трае.

Според премиерот, одговорот на бугарските власти ги демантирал тврдењата за наводен договор, кои, како што рече, доаѓале од Бугарија и од домашната опозиција. Тој нагласи дека постои потерница и оти очекува родителот на Ива, кој е правосилно осуден, да биде вратен во земјата, а Михајлова да се соочи со судскиот процес во Северна Македонија и да ја докажува својата невиност.
Запрашан дали постојат сознанија за евентуална вмешаност на бугарски институции во случајот, Мицкоски одговори: „А што очекувате вие, да ви кажат дека тие учествувале?“.
Тој истакна дека истрагата мора да биде завршена пред да се изнесат доказите, најавувајќи дека дел од нив ќе бидат презентирани пред сојузниците во НАТО. Целта, како што рече, е да се покаже како се однесуваат земјите што се партнери во Алијансата.
Премиерот оцени дека случајот нема да биде затворен со заминувањето на Михајлова во Бугарија, посочувајќи дека станува збор за упад и, како што го опиша, „буквално киднапирање лице коешто сега е бегалец од правдата“.
Мицкоски порача дека Владата нема да дозволи одлуките да се носат под влијание на емоции, туку ќе продолжи да дејствува во согласност со државните интереси, вклучително и продолжувањето на евроинтеграцискиот процес. Наместо откажување од преговорите, најави засилени барања за средби, дијалог и изнаоѓање решенија.
Во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, премиерот потврди дека прашањето ќе биде отворено и во рамки на НАТО и пред партнерите во Европската Унија. Тој истакна дека Северна Македонија очекува лицата за кои станува збор да бидат испорачани на правдата, додавајќи дека случајот ќе продолжи да се третира преку институционални и дипломатски канали, без отстапување од евроинтеграциската определба на земјата.








