Реализирано бугарското вето за Македонија. Денешниот онлајн состанок на европските министри за надворешни работи – можност Бугарија да ги официјализира своите услови, под кои земјава ќе добие бугарско “ДА” за старт на преговорите.
И покрај поддршката од 26 земји членки, источниот сосед опстана на позициите дека Македонија не ги исполнува критериумите за започнување на преговорите со Унијата.
Заклучоците од Советот на општи работи попладнево ги соопшти германскиот министер за Европа. Прашан за тоа која е причината за негодувањата од официјална Софија, нагласи дека станува збор за кратката форма на името и референцата за македонскиот јазик.
Штом има билатерален спор, не е време за одржување на меѓувладина конференција, дециден е Рот. Сепак, остави надеж дека во наредните недели ќе дојде до решение и Македонија ќе ги почне преговорите за време на германското претседателство.
На денешниот неуспех се осврнаа и од македонската влада. Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, а македонскиот идентитет и јазик не се предмет на преговори, велат од Илинденска.
“Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците”, реагираше македонската Влада.