29-годишниот Динко Валев набавил и две оклопни возила да за може да патролира низ недостапната околина на градот Јамбол во близина на границата со Турција.
Валев вели дека реакциите на граѓаните биле позитивни, па се обидува да регрутира уште луѓе за да ја прошири својата “одмаздничка” операција. И не само тоа: тој бара бугарската влада да го спонзорира и да му плати за секој фатен мигрант.
Валев секој илегален мигрант кој ќе го фати го нарекува џихадист, но демантира дека ги тероризира своите затвореници.
“Би го опишал тоа како еден вид на спорт. А за спортист не можете да кажете дека е насилен”, филозофира Валев и додава дека му се јавуваат луѓе со велосипеди и кучиња за да му помогнат да лови илегални мигранти.
Некои од нив, како и тој самиот, одат во лов и на коњи. Кога ќе ги улови, Валев тврди дека мигрантите ги предава на полицијата. Меѓутоа, Хелсиншкиот одбор за човекови права го смета Валев за криминалец, а неговите акции за незаконски, па бара од полицијата да ја прекине соработката со него, пренесува Daily Mail.
“Неговите жртви се мажи, жени и деца кои бегаат од Сирија. Валев признал дека знае да ги повреди тие луѓе. Еднаш ги натерал да легнат на стомак и половина час им се заканувал со смрт. Потоа се фалел дека ловел еден маж со часови, пред конечно да го фати. Константно ги навредува бегалците и јасно е дека сака да го прошири својот “бизнис” и да улови повеќе мигранти. Повеќе загрижува фактот што сака владата да го финансира. Тој не само што шири страв од мигрантите во бугарското општество, туку и за тоа бара поддршка”, велат од Хелсиншкиот одбор.
Тоа предизвикало уште поголема поддршка за Валев, а 2.000 луѓе ја потпишале петицијата.
“Немаме држава која се грижи за Бугарите. Време е Бугарите да се обединат. Горд сум на тоа што го прави Динко”, вели еден негов обожавател. Други додаваат дека Валев е херој.
“Потребни ни се повеќе луѓе како Динко. Членовите на Хелсиншкиот одбор треба да се стават во затвор, а не Динко, предавници”.
И неговиот профил на Фејсбук е преполн со коментари за поддршка.
Валев за бугарската државна телевизија објаснил дека почнал да патролира по едно трауматично искуство – мигранти го нападнале кога бил сам. Сакале да му го украдат моторот и извикувале “Алах”.
“Јас ништо не организирам, само повикувам луѓе да ми се приклучат”, рекол тој и додал дека секој илегален мигрант го предава на полицијата. Полицијата не го допира. Иако министерката за внатрешни работи Румјана Бачварова ги повикала жителите да ја пријават секоја илегална активност, Динко никој не го пријавува.