Повеќе од 80 илјади бугарски државјани се подготвуваат да се преселат во Велика Британија, откако на 1 јануари 2014 година ЕУ ќе ја укине блокадата за вработување на Бугари и Романци, воведена пред седум години, покажува најновото истражување на агенцијата АФИС.
Истражувањето открива дека еден од 20 бугарски државјани, или околу 400 илјади луѓе, планираат да ја напуштат Бугарија, во месеците по Нова година. Околу 22 отсто од нив најавиле дека сакаат да заминат за Велика Британија и таму да побараат работа.
Британските острови се примамлива дестинација и за Романците кои за пет месеци ќе може слободно и без досегашните ограничувања да бараат работа во земјите членки на ЕУ. Британските власти немаат прецизни сознанија за тоа колкумина Бугари и Романци би можеле да се населат, но едно истражување на Европскиот Парламент, направено во април годинава открива дека Велика Британија и Германија се најинтересните дестинации за државјаните на овие две балкански земји.
Ова истражување открива дека 8,2 отсто од Романците и 13,6 од Бугарите, сакаат да се населат во Британија. Тоа значи дека 350 илјади луѓе од девете држави се подготвуваат да се преселат сами или со своите потесни семејства.
Според студијата на британската тинк-танк организација Мигрејшн Воч, едно бугарско семејство во својата татаковина, со еден вработен, неделно може да има приход од 62 фунти. Во Велика Британија, каде минималниот приход по семејство може да се дополни од неколку социјални фондови за помош и поткрепа, приходот може да изнесува и 540 фунти неделно.
Британските евроскептици предупредуваат дека токму таа голема разлика во можноста за остварување на приход по семејство, покажува зашто Велика Британија е магнет за луѓето од Бугарија.