Илјадници барања биле вратени на дополнително преиспитување додека не се обезбеди доказ за потеклото
Бугари под наводници – ги нарекоа бугарските медиуми странските граѓани, вклучувајќи ги и тие од Македонија, кои без каков било доказ за бугарско потекло на мајка, татко, дедо и слично, туку само со изјава, добиваа државјанства и пасоши од оваа држава.
Вчера заменик-министерот за правда, Илија Ангелов, во интервју за весникот „Труд“ потврдил дека е ставен крај на таквата практика и дека се оди чекор понатаму – се преиспитуваат документите на тие што веќе се во процедура за да се види дали ги исполнуваат новите правила. Дали ќе се оди подалеку, т.е. да се преиспитаат и веќе издадените пасоши, се’ уште не се кажува, но ако се потврди како практика тоа што го најавува Ангелов, ова е крај на пазарот со бугарски државјанства што, како што е објавено, не ги добиле само Македонци туку и 415 Косовци, иако со бугарската нација немаат никаква допирна точка.
Според Ангелов, Државната агенција за Бугари во странство незаконски издавала уверенија за бугарско потекло, засновајќи го тоа не на документи туку на четири историски книги кои „содржеле докази за постоење на бугарски заедници во соседните држави на Бугарија“. Според проверката, илјадници наши и други странски граѓани добиле државјанства без соодветни документи, што сега се толкува како прекршување на законот за бугарско државјанство, кој отсега стриктно треба да се применува. Според Ангелов, само лани биле проверени над 12.000 барања за државјанство, од кои над 5.000 биле вратени на дополнително преиспитување.
„Секој што ќе донесе документ за бугарско потекло – извод и од родените за родителите, воени книшки на дедовците, прадедовците, крштеница од бугарска епархиска црква, потврда за смрт, мајсторски свидетелства и слично добива позитивно решение“, изјавил Ангелов во интервјуто, практично потврдувајќи дека и сега, со строгите услови и процедури, бугарско државјанство ќе се добива на начин каков што тешко дека постои во други европски земји, освен можеби во Србија и во Хрватска. Тој индиректно сепак најавува дека тие што имаат амбиции за бугарски пасош логично ќе биде и да покажат дека знаат бугарски јазик. „Би требало да знаат. Нели тврдат дека им е мајчин јазик“, порачал Ангелов во интервјуто, додавајќи дека нема веќе пасоши од љубов туку само со доказ.
Според истражувањето на „Труд“, пасоши од Бугарија добивале главно граѓани од Македонија, Албанија, Србија, Косово и Молдавија, а на прашањето што го упатиле до Агенцијата за Бугари во странство врз основа на кој критериум Косовците станале Бугари кога не зборуваат ни збор бугарски, одговорот бил – дека нивните тврдења се клеветнички. Иако условот за добивање пасош и сега е многу растеглив, а некои бројки асоцираат и на можна корупција или поблаго кажано, бизнис со пасоши, ова е сепак најава дека почнува расчистувањето со оваа појава.