Четиричлено кумановско семејство живее како во затвор


Драган и Благородна Димитриевски од Куманово бараат каков-таков покрив над главата во кој тие и нивните деца ќе имаат мир и ќе живеат без страв дека некој од најблиските роднини ќе им наштети.

Драган Димитриевски, кој има 34 години, и неговата 29-годишна сопруга Благородна, која е болничарка, двајцата невработени, со 4,5-годишниот Лука и едногодишната Лара од кумановската населба Карпош живеат во една подрумска просторија во семејната куќа, под секојдневен притисок и страв дека родителите ќе ги исфрлат на улица, ја пренесува нивната приказна Radio Slobodna Evropa.09D532EC-6A0A-44C7-8D63-E4AE62DB0F92_w640_r1_s_cx0_cy1_cw0

Социјална помош не добиваат бидејќи Благородна сезонски работела во оранжерии. Единствена помош со која преживуваат е од црквата „Свети Никола“ од Куманово. Тие бараат каков-таков покрив над главата во кој тие и нивните деца ќе имаат мир и ќе живеат без страв дека некој од најблиските роднини нема да им наштети.

„Овде живееме четири-пет години. Живеевме заедно, не им одговараше, сега ни дадоа рок до Нова Година и да излеземе. Нема објаснување, освен притисок. За вода, за струја, за ништо се фаќаат. Им пречиме. Колку одбегнуваме и постојано излегуваме од тука само да нема проблеми, пак им пречиме. Сè додека не се снајдеме со работа“, вели Драган.

„Социјална помош ни ја укинаа бидејќи работев во оранжерии. Ги молевме од Центарот за социјална работа да дојдат да видат во какви услови живееме, да сфатат дека сум била принудена зашто спиевме на под, немавме ниту кревет, ниту шпорет“, вели Благородна.

Тие раскажуваат тивко, за да не им попречуваат на родителите на Драган, неговите браќа и сестри. Тие објаснуваат дека нивниот севкупен живот е само импровизација, оти во една просторија во подрумот престојува и најстариот брат на Драган, кој, како што раскажуваат, постојано е во алкохолизирана состојба.

„Алкохол му е во крвта. Нема ден да не е пијан. Малку ни се проблемите од родителите, тој во ниедно време ноќе доаѓа пијан и лупа, тропа“, велат тие.

Иако 12 години се во брак, Благородна извесен период заминала кај нејзините родители за да проверат дали нетрпеливоста е поради неа, меѓутоа притисоците продолжувале. Затоа тие пак почнале да живеат заедно, да ги споделуваат заедничките маки. Не само што не можат да обезбедат основни егзистенцијални услови за нив и за нивните мали деца, туку мораат да бегаат и од сенките на нивните најблиски. Често пати велат тие, родителите на Драган ги пријавувале во полиција и како што додаваат полицајците ги предупредувале дека ќе ги исфрлат на улица, зашто за нив нема место во куќата, ниту во подрумот. А во таа мемлива, темна и влажна просторија, со два кревета и еден шпорет дури и Лука и Лара не смеат гласно да се насмеат, да заплачат, слободно да играат. Немаат ниту мирен сон исто како и нивните родители. Иако во пространиот двор слободно шетаат домашни миленичиња, мачиња и кучиња, Лука и Лара, само со родителите на брзина поминуваат за да влезат во собата во која нема ниту доволно воздух за сите четворица.

Драган и Благородна апелираат до сите луѓе со добра волја да им помогнат да најдат каков-таков покрив над главата, мир и спокојство. За исхрана ќе се снаоѓаат, оти не одбиваат каква било работа.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1