Сметките на „Топлификација“ за исклучените корисници од парното греење може да паднат на суд, а компанијата не може да ги тужи неплаќачите бидејќи нема склучено договор со нив. Ова за „Дневник“ го тврдат извори од Регулаторната комисија за енергетика.]
Според Законот за облигациските односи во овој случај нема договорно-доверителен однос меѓу снабдувачите и станарите. За да платат, граѓаните треба да добијат некаква услуга од компанијата, а исклучените имаат решение за прекин на меѓусебните односи со што обврската за плаќање на фактурата за услугата престанала.
Граѓаните што се исклучија од системот на „Топлификација“ се децидни дека нема да ги плаќаат сметките барем додека не одлучува Уставниот суд. Од фирмите за снабдување на скопјани со топлинска енергија, пак, велат дека тие ќе ги тужат неплаќачите и имаат основа да испратат фактури и да наплатат и за услуга која исклучените граѓани не ја добиваат, пишува Дневник.
Граѓаните велат дека немаат намера да плаќаат за услуга што не ја добиваат. Освен тоа топлификација ,,безобразно,, на предвидените 10 денари за квадратен метар, колку што требаше наводно да плаќаат исклучените, таа им пратила сметки со по 16,6 денари за квадратен метар со вклучен ДДВ или 14 денари без данокот.
Од системот се исклучени околу 10.500 корисници, а на парно се греат 55.000 скопјани.
– Знаат ли господата од „Топлификација“ дека според Законот за облигациските односи на РМ секој правен субјект што испраќа фактури за услуги без склучен договор прави кривично дело. Се гледаме на суд – коментираат читатели за Дневник.
Граѓаните навалија со жалби во Организацијата на потрошувачи, а од Уставниот суд нема најава кога ќе се најде на дневен ред оспорениот Правилник за топлинска енергија.